Унгарскиот шампион ПИК Сегед се уште е во потрага по нов тренер, откако на лето од клубот ќе си замине актуелниот предводник Хуан Карлос Пастор.
Според пишувањата на шведскиот весник „aftonbladet“, раководството на ПИК Сегед е блиску до договор со тренерот на Савехоф, Микаел Апелгрен, кој е еден од кандидатите за нов селектор на Исланд.
Сепак, Апелгрен има важечки договор со Савеход на уште една сезона и доколку клубот од Унгарија го посакува во своите редови, тогаш ќе мора да плати обештетување.
Како што соопштува „aftonbladet“,ПИК Сегед на Савехоф му понудил 100.000 евра, или нешто повеќе од 1,1 милион шведски круни, за 38-годишниот тренер да биде ослободен и да може да стане новиот предводник на клубот од Сегед.
Доколку клубовите се договорат, прашање е дали Апелгрен има можност да продолжи како асистент во шведската репрезентација, функција која ја извршува од минатата есен.
Апелгрен пред две сезони ја презеде тренерската функција во Савехоф. Со екипата на Савехоф во 2021 година ја освои шампионската титула во домашниот шампионат, додека минатата сезона заедно со неговите избраници се радуваа на освојувањето на трофејот во Купот на Шведска.
Во периодот од 2014 до 2020 година беше тренер во норвешкиот шампион Елверум. Во првите две сезони од престојот во клубот од Норвешка, тој имаше двојна улога, им делеше совети на ракометарите, но и играше со нив на терените.
Со екипата на Елверум шест пати со ред беше шампион на Норвешка. Како играч освен за Савехоф и Елверум, настапуваше и за екипите на Грањолерс, Пуерто Сагуно, Хамарби и Ѓургарден.
Во минатиот период како можен наследник на Хуан Карлос Пастор се споменуваше името на Талант Душебаев и поранешниот селектор на Исланд, Гудмундур Гудмундсон.