Екипата на ПИК Сегед со триумфот против Кил од 36:33 обезбеди осминафинале во Лигата на шампионите. Унгарскиот шампион со победата над бундеслигашот дојде до 10 бода на свое конто, што е доволно за минување на групната фаза и пласман во осминафиналето.
Во првото полувреме двете екипи имаа свои моменти, падови, но избраниците на Филип Јиха беа подобриот противник на теренот. Иако домаќините во воведниот дел им парираа на гостите, сепак, по нерешените 5:5, следуваше серија од 3:0 на Кил, кој се одлепи на 8:5 и до крајот на првиот дел одржуваше резултатска предност.
ПИК Сегед беше немоќен во финишот и секогаш кога требаше да дојде до помала негатива му дозволуваше на бундеслигашот да го зголеми водството. Пред крајот на првиот дел, домаќините во неколку наврати намалија на два гола разлика, но составот на Кил беше повеќе пофокусиран и на полувреме замина со предност од ,,плус три” 17:14.
Во второто полувреме следуваше камбек на тимот предводен од Хавиер Пастор. Откако Кил имаше водство од 20:17, домаќините со три гола во низа изедначија на 20:20. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, па така резултатот најчесто беше нерешен. ПИК Сегед за првпат во второто полувреме поведе во 50 минута кога кружниот напаѓач Банхиди беше ефикасен за 29:28.
Во последните десет минути, домаќините влегоа со предност од два гола разлика 31:29, имаа и ,,плус три” на пет минути пред крајот, 33:30, а тимот на Кил не успеа да се врати во игра и да се избори за барем бод во дуелот.
Во следното коло ПИК Сегед ќе гостува во Шпанија кај Барселона, додека Кил пред своите навивачи ќе го пречека незгодниот состав на Целје, кој во претходното коло не успеа да направи сензација против Барселона.