Пик Сегед го претстави Вујин, потпиша до крајот на сезоната

Ракометарот кој пред еден месец самиот го напушти Вардар, Марко Вујин од денеска и официјално е нов член на тимот на Пик Сегед.

Како што пред неколку дена најави 24ракомет, тој ја продолжува кариерата во клубот од Унгарија, а потпиша договор до крајот на сезоната.

Доаѓа на местото на повредениот Степанчиќ и ќе се обиде да помогне во остварувањето на амбициите во Лигата на шампионите.

„Драго ми е што можам да се приклучам на тимот на Пик Сегед. Знам што значи моето присуство за навивачите, но се надевам дека ќе ми простат за мојот однос кога бев млад и недоволно зрел. Ќе се извинам и ќе дадам сè од себе да се фокусирам на тоа да му помогнам на тимот да напредува во Лигата на шампионите и конечно да им дадам радост и на навивачите и на клубот“, изјави Вујин.

Тој од 2006 до 2012 година го носеше дресот на Веспрем и оттогаш има лоши спомени со Пик Сегед, но сега ќе мора да го поправи тој впечаток. Инаку, Вујин дојде во Вардар минатото лето, но немаше премногу минутажа на теренот. Почесто избор за Вардар на позицијата десен бек беше Иван Чупиќ отколку тој, па на крајот си замина.