Пешевски ја најави ЛШ: Заедно со навивачите гордо да ја претставиме Битола!

Македонскиот првак Еурофарм Пелистер за два дена го очекува стартот на новата сезона во Лигата на шампионите.

Пелистерци во Битола го пречекуваат норвешкиот шампион Колстад, а капитенот Жарко Пешевски вели дека ако се оди според планот, неговиот тим може да се радува.

„Емоцијата може да биде проблем, но може да ти даде и некоја посебна сила за да бидеш подобар и посмирен од противникот, да му зададеш удар и да се радуваш на крајот. Играме против супер екипа како Колштад. Норвежаните негуваат агресивен и динамичен ракомет. Гостуваат во Битола и ние ќе направиме сè да им ја отежнеме работата“, вели Пешевски.

Колстад ќе биде добро анализиран пред пресметката во среда.

„Се работи за тим составен од повеќе норвешки репрезентативци, на чело со Сагосен. Тој, Род и двајцата голмани се лидери во тимот. Имаат искалена агресивна одбрана, за која со видео анализи треба добро да се спремиме и да ги пробиеме. Ако сè оди по планот, имаме шанси да се надигруваме и на крајот да се радуваме. Мислам дека ова наше место ни е заслужено како шампиони на Македонија по 18 години. Ние и фановите треба заедно добро да се поставиме и ќе бидеме светла точка која гордо ќе ја претстави Битола“, вели Пешевски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Колстад се игра в среда во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:45 часот.