Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре пред своите навивачи ќе го одиграат последниот натпревар од групната фаза од Лига на Европа.
Ривал на избраниците на Ларс Валтер ќе биде незгодниот тим на Мотор Запорожје. Победникот од овој дуел ќе обезбеди пласман во осминафиналето во второто по квалитет европско натпреварување.
Еден од поискусните играчи во составот на Еурофарм Пелистер, кружниот напаѓач Жарко Пешевски ги сподели своите очекувања за утрешниот дуел, но и даде свое видување за настапот на неговиот тим на европска сцена.
„После три сезони поминати во Бундес лигата, решив да му се приклучам на Еурофарм Пелистер. Имаме високи амбиции како и секогаш, насочени сме кон домашното првенство и Купот. Благодарни сме што играме во Европа. Имавме подеми и падови, но играме против силни противници“, изјави Пешевски.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер во досегашниот тек од сезоната во Лига на Европа забележаа две победи, две реми и пет порази. На нерешените средби, против Агуаш Санташ и Бидасоа, беа блиску до победа, но сепак, немаа среќа во клучните моменти.
„На овие натпревари имавме лош почеток во вториот дел. Добро е што се вративме во игра, но не успеавме да направиме пресврт. Не успеавме да реализираме во клучниот момент од натпреварот и тоа е нешто на што мора да работиме во иднината”, додаде Пешевски.
Македонскиот репрезентативец добро го познава Мотор, бидејќи една сезона мина во редовите на украинскиот шампион.
„Мотор е квалитетен тим, составен од најдобрите украински играчи и репрезентативци. Имаат искуство со играње во Лигата на шампионите и се подобруваат со секој натпревар, особено во вториот дел од сезоната. Генадиј Комок, Захар Денисов, Дмитро Хориха и Игор Турченко се нивните клучни играчи и ќе дадат се од себе да ни ја отежнат работата“, потенцираше Пешевски.
Искусниот ракометар истакна дека Еурофарм Пелистер добро го има анализирани тимот на Мотор.
„Играме дома, пред нашите навивачи. Знаеме што е во прашање и мора да влеземе во играта внимателно и со целосна концентрација. Добро го анализиравме Мотор и знаеме кои се нивните силни страни, но и кои се нашите предности. Со силна одбрана и квалитетен напад, верувам дека можеме да го заслужиме своето место во осминафиналето”, заврши Пешевски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје ќе се одигра на 28 февруари, со почеток од 20:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.