Пешевски: Имавме одличен почеток, но игравме против силна Данска

Пивотот Жарко Пешевски имаше свој ден против Данска и во нападот одигра далеку подобро од другите. Успеа да постигне шест гола со кои беше најефикасен во репрезентацијата на Македонија.

Сепак, вели дека во еден ваков натпревар во кој Македонија загуби со 21:31 смета дека тоа не е важно.

„Ова е колективен спорт и кога ќе загубиш не е важно кој одиграл добро и колку гола постигнал. После поразот против Црна Гора одевме да одиграме максимално и до последна капка пот за да го обелиме образот. Имавме одличен почеток и прво полуврме, но игравме против екстремно силна Данска, која не наттрча и го прекрши натпреварот на средина од првото полувреме и го реши натпреварот во своја корист“, изјави Пешевски после натпреварот.

Тој смета дека оваа селекција има иднина односно може да се смета на неа на следните натпреварувања бидејќи има квалитет.

„Не само овој натпревар туку камбекот против Црна Гора, оние 60 минути против Словенија и првите 10-15 со Данска покажуваат дека има живост и пред се има квалитет оваа репрезентација кој ќе дојде до израз на следните натпревари. Знаевме дека ќе биде тежок натпревар но ние сме професионалци и покрај она што се случи на крајот и во текот на целата средба со оваа публика е мотив плус да се покажеме во вистинско светло на следните натпревари“, коментираше пивотот на Македонија.

Репрезентативците ги завршија своите обврски на овој шампионат и се враќаат дома, па сега ќе бидат во исчекување на името на противникот за баражот за Мундијалот во 2023 година.