Екипата на Еурофарм Пелистер продолжи со официјалното претставување на новите засилувања за новата натпреварувачка сезона, 2022/23.
Денес, раководството на клубот официјално го претстави кружниот напаѓач, Жарко Пешевски, кој заедно со рускиот репрезентативец Денис Василев ќе ја сочинуваат пикерската позиција во битолскиот тим.
Пешевски истакна дека е задоволен од одработените подготовки во Маврово и очекува во новата сезона со својот тим да ги остварат зацртаните цели на клубот.
,,Искрено, задоволен сум како минаа базичните припреми во Маврово. Се работеше на високо ниво, минимум три-четири тренинзи на ден. Потоа се вративме во Битола, каде нивото на тренинг се намали. Работиме повеќе на тактичко-техничкиот дел, а трчањето е веќе зад нас. Се спремаме за педесеттиот јубилеен турнир во Струга, каде што ќе има многу квалитетни екипи и тоа е идеална шанса да се претставиме во најдобро светло пред двата важни дуели. Екипата од минатата сезона ја напуштија десеттина ракометари, дојдоа 7-8 новајлии. Повеќе сме спринтерски ориентирани, има многу трчање, нема време за измени. Секој го дава својот максимум, па дури и јас се враќам и играм одбрана, па ако има шанса се менувам. Работиме на високо ниво, имаме одлично темпо и ќе создаваме проблеми на секој противник. Бев спремен да дојдам во Битола, ме подготвуваа на тоа. Но, не верував на гласини и на приказни, морав сам да се уверам. Секој битолчанец, и тој што има шанса да дојде во салата, а и тој што не доаѓа, спремен е да нè бодри и желен е да го види Еурофарм Пелистер во најдобро издание”, изјави Пешевски.
Пивотот Пешевски пристигна во Битола, по интернационалните искуства во украинскиот Мотор Запорожје каде остана една сезона и во бундеслигашот Штутгарт, каде настапуваше три сезони. Во нашата земја, македонскиот репрезентативец го носеше дресот на Металург, со кој има искуство и во СЕХА лигата и во Лигата на шамионите.