Тимот на Бутел Скопје оствари важен триумф на стартот на суперлигашкиот плеј-оф. Избраниците на Кристијан Грчевски го совладаа составот на Охрид со 26-22, а најдобар стрелец беше средниот бек Горан Печенковски со шест погодоци.
Тој вели дека првиот натпревар секогаш е тежок за играње, но заслужено победата останува во Скопје.
„Првиот натпревар е секогаш тежок за играње. Сакам да им честитам на Охрид за фер и коректната игра. Мислам дека вечерва бевме подобар ривал во сите сегменти од играта и заслужено се радуваме на победата. Игравме како еден и тоа беше клучот за триумфот. На голот го имавме фантастичниот Блажески кој ни помогна многу. Игравме против екипа која немаше пораз до овој момент и знаевме дека нема да биде лесно. Го вративме ривалот со наши грешки во игра и тоа не смее да ни се случува во следните натпревари, бидејќи спортот е таков и на крај може да се одрази лошо во конечниот резултат“, вели Печенковски за 24Ракомет.
По репрезентативната пауаза бутелци ги очекува тешко гостување во Битола кај Еурофарм Пелистер, а потоа дома ќе играат против Струга.
„Треба да продолжиме во ист ритам, и да бидеме се подобри на секој следен натпревар, бидејќи оваа година плеј-офот е силен како никогаш досега. Мораме на секој натпревар да го дадеме нашиот максимум. Им честитам на моите соиграчи, и верувам во нив, и мислам дека ќе биде уште подобри во иднина“, заврши Печенковски.
Охрид запрен во Скопје, Бутел му го нанесе првиот пораз сезонава