Репрезентацијата на Македонија го доживеа и третиот пораз на Мундијалот во Полска и Шведска по кој ги загуби шансите за пласман во следната фаза. Аргентина беше подобра од нашиот национален тим со убедливи 35-26, резултат со кој се комплетираше очајниот настап на Мундијалот.
Еден од ретките кој комплетно ја оправда минутажата која ја доби на ова Светско првенство беше пикерот Константин Петров, кој ги искажа своите импресии по завршувањето на натпреварот.
Имавме голема желба да го добиеме овој натпревар, немаше некој од играчите и стручниот штаб што не се фокусираше максимално, едноставно ете, лош ден. Што и да кажам е залудно, треба добро да се анализира се во играта, не го покажавме тоа што обично Македонија го покажува. Свирежите од публиката се заслужени, се надевам дека ќе работиме напорно за да во иднина ја оправдаме довербата на навивачите на кои од срце им благодарам што дојдоа и не бодреа. Треба да размислислиме со ладни глави, не треба да има критики бидејќи месец дена трениравме напорно, некој од нас оставија бебиња од месец, два, за празници, ние со сето срце и душа дојдовме да тренираме и да дадеме се од себе. За жал не испадна како што се надевавме.-резимираше Петров за 24Ракомет.
По овој пораз Македонија ќе разигрува во Президент купот, каде ќе се бори за пласман помеѓу 25-та и 32-та позиција на Мундијалот.