Тимот на Текстилец од Штип славеше на гостувањето кај составот на Шампион со пет гола разлика, 39-34, најмногу по заслуга на расположениот Васе Петров кој постигна дури 15 погодоци.
Гостите од Штип поведоа уште од стартот со 3-0, и не ја испуштија предноста до крајот на натпреварот, па се израдуваа на трите бода во Скопје.
Ракометарите на Шампион повремено имаа добри моменти, но немаа сили за завршен чекор и камбек во мечот. На полувреме штипјани водеа со 20-17, кон средината на вториот дел избраниците на Слободан Чивлачки намалија на минус два, 27-25, но гостите со три гола во серија ги решија дилемите околу победникот.
Најдобри стрелци кај Текстилец беа Петров со 15 и Савев со осум погодоци, додека кај Шампион се истакнаа Петровски со десет и Сибиновски со седум реализации.