Петровски и Фасано ќе се борат за титула

Македонскиот интернационалец Дарио Петровски заедно со екипата на Јуниор Фасано направија голем успех, откако обезбедија пласман во финалето во шампионатот на Италија.

Фасано за противник во полуфиналето од плеј-оф фазата го имаше тимот на Мерано и со победата од првиот дуел успеа да стигне до финалето, каде што ќе има можност да се бори за титулата.

Екипата на Петровски на првата средба против Мерано триумфираше со 33:32, додека вториот дуел, кој исто така беше проследен со голема драма, заврши нерешено, 34:34.

Фасано во финалето ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Бриксен и Сасари. Овие две екипи ќе играат мајсторка, бидејќи на првиот дуел победи Бриксен, додека на вториот полуфинален дуел Сасари оствари поволен резултат.

Битолчанецот со неговиот нов интернационален клуб пред извесен период играа на Ф4 во Купот на Италија и завршија на второто место.