Петровски и Фасано на чекор до плеј-оф во Италија

Македонскиот интернационалец Дарио Петровски заедно со екипа на Јуниор Фасано се наоѓаат пред пласман во плеј-оф фазата во италијанскиот шампионат.

Фасано во натпревар од 22. коло од тамошниот шампионат славеше убедлива победа против Бозен со 38:22 (17:11).

Битолчанецот на оваа средба двапати се запиша во листата на стрелци и имаше неколку асистенции кон своите соиграчи.

Тимот на Петровски заедно со екипата на Конверзано го делат второто место на табелата со 35 бода, додека тимот на Меран, кој има бод помалку, односно 34, се наоѓа на 4. позиција на табелата.

Првопласираните четири екипи ќе продолжат во плеј-оф фазата и ќе разигруваат за титулата.

До крајот од регуларниот дел преостануваат уште четири кола, во кои Фасано за ривали ги има Конверзано, актуелниот лидер Бриксен и екипите на Кампус и Сасари.