Екипата на Јуниор Фасано, во која настапува поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Дарио Петровски, запиша нова победа во италијанскиот шампионат.
Јуниор Фасано во натпревар од 18. коло од најквалитетното натпреварување во Италија славеше убедлива победа против незгодниот тим на Пресано, со резултат 41:30 (18:12).
Петровски на овој натпревар одигра 18 минути и во мрежата на гостите погоди два пати од исто толку обиди. Ракометарот од Македонија подели и пет асистенции за своите соиграчи.
Тимот на Јуниор Фасано со новата победа дојде до 27 бода на свое конто и сѐ уште останува во игра за првата позиција на табелата, бидејќи актуелниот лидер Бриксен има само шест бода повеќе, односно 33.
Битолчанецот имаше успешен настап на европска сцена и во текот на месец февруари со Јуниор Фасано ќе играат во осминафиналето во Европскиот куп, каде што билетот за четвртфинале ќе го бараат во дуелот со Сесвете од Хрватска.