Екипата на Аеродром во рамките од второто коло во Првата лига на свој терен славеше убедлива победа против составот на Кичево со 43:29.
Ракометарите на Аеродром тргнаа самоуверено на стартот и веќе по десетина минути игра имаа водство од плус три, 6:3. Иако избраниците на Дејан Михајлоски намалија на 6:8, сепак, домашната екипа преку Маркудов и двата гола во низа на Михајлов, се одлепи на четири гола предност, 11:7.
До крајот на првото полувреме, Аеродром ги користеше сите грешки на гостинската екипа, постојано ја зголемуваше разликата во својата корист, не дозволуваше лесни голови, а сето тоа вроди со плод за убедливо водство на полувреме од 24:13.
Аеродром по само неколку минути игра во вториот дел го зголеми водството на 26:13. Екипата од Кичево немаше доволно сили за намалување на дел од негативата и мораше да го прифати високиот пораз. При резултат 33:17 за домашната екипа, следуваа минути за ракометарите со помала минутажа.
Во победничката екипа предводник беше Андреј Петрески со 11 гола. Во тимот на Кичево, Дамјан Наумовски беше прв стрелец со осум гола.