Трансферот пазарот во ракометот е најактивен од почетокот на годината до почетокот на пролетта. Во текот на вчерашниот ден дури петмина некогашни членови на Вардар и Металург најдоа нови средини.
Десниот бек Стефан Терзиќ, кој не остави голема трага во Вардар, по кратката авантура во Романија во дресот на Потаиса Турда, заминува во Чешка и до крајот на сезоната ќе ги брани боите на Плзен.
Левото крило Добривоје Марковиќ, уште еден поранешен член на Вардар, замина по една полусезона од тимот на Нови Пазар и во продолжение од сезоната ќе игра во некој од српските клубови.
Средниот бек на Татран Прешов, Јануш Лапајне, кој беше член на Металург пред две сезони, иако имаше договор со словачкиот тим на уште година и пол, сепак направи трансфер во швајцарскиот Криенс Луцерн.
Десниот бек Никола Кеџо, кој во времето на Червар беше дел од тимот од Автокоманда, ќе се обидува да ја рестартира кариерата во полскиот шампионат во дресот на Азоти Тарнов.
Десниот бек Александар Станојевиќ, кој беше член на Металург и Пелистер во нашата Суперлига, иако немаше клуб во есенската полусезона, во продолжение ќе настапува за српската екипа Нови Пазар.