Ракометарите на Металург РА во првото коло од плеј-аут фазата во Првата машка лига беа подобри од Шампион со 32:27. Металург РА до посакуваната победа дојде откако во второто полувреме целосно го надиграа составот на Шампион.
Екипата предводена од Слободан Чивлачки пружи голем отпор во првото полувреме. Шампион со погодокот на Велјановски стартуваше со водство од 1:0 и речиси во најголемиот дел во првите петнаесетина минути беше во минимална предност од еден гол разлика. Откако резултатот беше нерешен, 8:8, следуваа два погодоци на Металург РА, кои беа реализирани преку Петковски и Наумовски, за плус два гола позитива, 10:8.
Во последните десет минути од првиот дел, ракометарите на Металург РА имаа целосна контрола на теренот. Металург РА за првпат се одлепи на плус три гола разлика, 14:11, и на полувреме замина со водство од 16:13.
Кратката клупа на Шампион немаше доволно сили за да парира во второто полувреме. Поискусната екипа на Металург РА веќе по неколку минути игра во второто полувреме дојде до највисокото водство од 18:13. Шампион на моменти успеваше да намали дел од негативната разлика, но Петковски и неговите соиграчи рутински го одработија последниот дел од натпреварот и не дозволија противникот да направи целосен камбек.
Во 53. минута, ракометарот на Шампион, Александар Велјановски, кој беше втор стрелец во својот тим со шест гола, заработи црвен картон поради три исклучувања. Најефикасен на натпреварот беше Бобан Дебрешлиоски од Шампион со десет погодоци. Во Металург РА прв стрелец беше Александар Петковски со девет гола.