Репрезентациите на Исланд и Португалија одиграа квалитетен натпревар во рамки на првото коло од групата Б, а победата им припадна на Исланѓаните кои имаа фантастично издание и славеа победа од 28:24.
Почетните минути беа максимално израмнети и најчесто беше нерешено. Се играше многу борбено и цврсто во одбрана на двете страни. Исланд прв стигна до повисока предност, во 22. минута Магнусон погоди за 10:7. До крај на првиот дел Исланд ја сочува предноста, а на паузата замина со највисоки четири гола предност од 14:10.
Во првиот дел одбраната на Исланд беше непробојна, играа максимално ангажирано и не дозволуваа лесни погодоци на противникот. Покрај тоа во напад реализираа сигурно со само две технички грешки во првиот дел, за разлика од Португалија која имаше седум.
Продолжението донесе уште поубедлива игра од Исланд, а ракометарите продолжија во ист ритам и постојано имаа сигурна предност. Елисон и Кристјансон реализираа за водство од 19:14 во 38. минута. До крај на натпреварот без поголеми проблеми обезбедија први бодови на Европското првенство.
Португалија имаше највисока негатива од шест гола, а во финишот само успеаја да го ублажат поразот. Во следното коло Исланд ќе игра против Холандија, додека Португалија ќе се сретне со домаќинот Унгарија.
ЕП 2022, ГРУПА Б – ТАБЕЛА