Машката кадетска репрезентација на Македонија имаше победнички старт на ЕХФ шампионатот во летнскиот град Рига. Избраниците на Раде Стојановиќ славeа против Турција со убедливи 34-19, а победникот беше најавен уште по првиот дел, кога беше 15-10.
Македонија тргна со водство од 4-1. Брестовац беше одличен на голот, а Петковски сигуренн реализатор. Тоа не го поколеба ривалот, па Турците набрзина израмнија на 5-5 преку опасниот Јилдиз.
Во продолжение Галевски одбрани пенал, нападот на Македонија стана се посигурен, па по 17 минути повторно се оддалечивме на солидна позитива, 9-5. Откако Каја намали на 9-6, тргна уште еден македнски налет.
Серија од четири гола на нашите кадети за 13-6, а турскиот напад немаше премногу идеја. Брестовац ги откажа ривалите во неколку наврати, па нашите ракометари мирно го привршија првиот дел со убава залиха од пет гола, 15-10, иако можеа да бидат многу повеќе.
За пет минути во вториот дел погодивме три пати за 18-10 и јасно беше каков тек до крајот ќе има натпреварот. Во 40.минута Македонија стигна и до плус десет, 23-13, па селекторот Стојановиќ можеше да сокрие дел од адутите пред останатите ривали и им даде шанса на повеќе ракометари.
Поради три исклучувања црвен картон доби Димковски во финишот, но немаше многу возбудувања на теренот. Македонските кадети лесно го приведоа кон крајот натпреварот и се радуваа на првата победа во Рига. Најдобар стрелец беше Александар Петковски со десет гола, шест даде Димковски, додека пет пати стрелаше Тодор Узунчев. Голманот Брестовац блескаше и фати дури 18 топки со 52% успешност, додека Галевски одбрани два пенали.
Шулески во второто полувреме и Димитар Узунчев во првиот дел имаа незгодни падови на теренот, но би требало да бидат подготвени за следните акции. Утре од 13:00 часот, кадетите ќе се соочат со Косово, а со победа на тој натпревар ќе бидат веќе во полуфиналето на ЕХФ шампионатот.