Поранешниот капитен на Еурофарм Пелистер, средниот бек Јосип Периќ имаше одлична партија во дресот на Татабања и беше најзаслужен за големиот триумф од 37:30 над амбициозниот тим на Ференцварош во рамки од 2. коло од унгарскиот шампионат.
Репрезентативецот на БиХ одигра без грешка и постигна 11 погодоци од исто толку обиди, а кон своите соиграчи подели и неколку асистенции. Како што е веќе познато, искусниот ракометар од БиХ од Еурофарм Пелистер во Татабања пристигна во пакет со десниот бек Матео Мараш, левиот бек Немања Обрадовиќ и голманот Мартон Секељ.
Мараш во натпреварот против Ференцварош беше стрелец на три погодоци, додека српскиот интернационалец Немања Обрадовиќ не успеа да се запише во листата на стрелци. Солиден на голот на Татабања беше голманот Секељ, кој не дозволуваше гостите од Будимпешта да имаат било какви шанси за триумф.
Татабања во првото коло оствари победа над Фаркасок со 32:25 и со новите освоени бодови се изрмани на табелата со силните Веспрем и ПИК Сегед, кои исто така имаат по четири освоени бодови. Во следното, трето коло, Татабања за противник го има незгодниот состав на Чурго.