Селекцијата на Португалија исто како и Македонија, со неколку промени ги стартуваше подготовките за двомечот со нашата селекција од квалификациите за ЕП 2024 година.
Селекторот Пауло Переира повика 17 ракометари, а меѓу нив не се десниот бек Франциско Кико Коста, како и Алексис Боргес, Белоне Мореира и Дајмаро Салина.
Переира очекува тешки натпревари.
„Македонија е екипа што во моментов се реновира, но имаат ракометари со голем потенцијал, и затоа мора да бидеме подготвени за два тешки натпревари. Првиот го играме на гости, во непријателски амбиент, бидејќи секогаш е таков во Македонија. Ќе мораме да се соочиме со тоа и да го преживееме тој интензивен момент. Ние имаме некои тешкотии со ростерот. Во четвртокот дознавме за повредата на Кико Коста, а некои ракометари како Мореира, Боргес и Салина нема повеќе да играат за репрезентацијата“, изјави Переира пред двомечот со Македонија.
Првиот меч меѓу Македонија и Португалија ќе се игра на 9 март во Скопје, додека реваншот е на 12 март во Матосињос.