Пелистер со нов тренер ќе брка излез на европска сцена!

Екипата на Пелистер, која во новата натпреварувачка сезона ќе влезе со големи амбиции, во следниот период ќе биде во потрага по нов тренер, откако довчерашниот предводник Кире Митревски си замина од тренерската позиција.

Двете страни одлучија спогодбено да се разделат, па така, пред стартот на новата сезона, ракометарките на Пелистер ќе имаат нов тренер. Новиот ангажман на Митревски, кој својата тренерска кариера ја започна во женската екипа на Пелистер, наскоро треба да биде познат.

Пелистер за новата сезона ги ангажираше Сандра Корлевска, Ана Марија Талева и Сара Илиевска, кои во Пелистер пристигнаа од Феникс, како и поранешната репрезентативка на Франција, Мари Франсуа, плус голманката Јована Мисаиловиќ Хосни.

Наскоро клубот ќе промовира уште неколку домашни ракометарки и со останатите засилувања и играчите кои останаа од минатата сезона ќе атакува на излез на европска сцена.

Пелистер во новата сезона во Женската лига ќе игра во групата А заедно со екипите на Куманово, Вардар, Чаир, Шампион, Гевгелија, Спартак и Скопје. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата од женскиот шампионат, додека останатите четири ќе играат во плеј-аут групата.