Амбициозниот тим на Пелистер ја забележа првата победа во новата натпреварувачка сезона, откако на гостувањето во Скопје кај екипата на Шампион запиша убедлив триумф, со резултат 34:23 (16:8), во натпревар од 3. коло од Женската лига.
Ракометарките на Пелистер уште во првите 30 минути од натпреварот ја обезбедија победата. Составот на Пелистер во воведниот дел поведе со 4:1 и со расположените Наумовска, Босилковска и Талева од минута во минута ја зголемуваше својата резултатска предност. Шампион сѐ предаде уште на самиот старт и дозволи гостинките од Битола да доминираат во текот на целиот натпревар. Тимот од Битола при резултат од 8:5 направи одлична серија од 6:0, се одлепи на 14:5 и на полувреме замина со убедлива предност од 16:8.
По десетина минути игра во вториот дел предноста на Пелистер беше плус 10 гола разлика, 21:11. Ракометарките на Котевски во останатите 20 минути продолжија со исто темпо и нивната предност почна драстично да расте. Шампион немаше ниту сили, ниту пак време да го ублажи поразот, а разиграните ракометарки на Пелистер рутински ја завршија својата задача.
Најефикасни во Пелистер беа Моника Босилковска со девет гола, Кристина Наумовска со осум и Ана Марија Талева со седум погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Сара Трајков со седум и Дона Тодоровска со пет гола.