Амбициозниот тим на Пелистер продолжува со серијата победи во Женската лига и во натпревар од 6. коло одработи рутински против Гевгелија триумфирајќи со 36:28.(20:15).
Ракометарките на Адријано Котевски имаа фуриозен старт и во воведниот дел поведоа со 5:2. Гостинската екипа од Гевгелија единствено преку двете екс репрезентативки на Македонија, Мери Гичева и Ленче Илкова, кои постигнаа вкупно 12 гола во првото полувреме, доаѓаше до реализација, но тоа не беше доволно бидејќи останатите ракометарки никако не можеа да дојдат до погодок.
Гевгелија успеа да израмни на 6:6 и во понатамошниот тек поради кратката клупа немаше доволно сили да им се спротистави на разиграните домаќинки. Пелистер со три гола во низа се одлепи на 9:6 и до крајот на првото полувреме константно беше во водство од четири до пет гола разлика.
Во вториот дел само беше довршена задачата, па така домаќинот дојде до поубедлива разлика и успеа на лесен начин да ги освои новите три бода. Гевгелија немаше многу простор за поправање на работите во второто полувреме, постигна помалку голови од првиот дел и го запиша петтиот пораз во годинешната сезона.
Најефикасни во победничката екипа беа Кристина Наумовска со девет и Моника Босилковска со осум гола. Во екипата на Гевгелија се истакна кружниот напаѓач Ленче Илкова со 15 погодоци.
Во следното, седмо коло, составот на Пелистер на свој терен ќе го пречека македонскиот вицепрвак Куманово, додека екипата на Гевгелија ќе му гостува на Скопје.