Лидерот во Супер машката лига, Металург со новиот тренер Зоран Кастратовиќ забележа победа на тешкото гостување кај борбениот состав на Пелистер во Битола со 27:24. Металурзите се соочија со мотивиран противник, кој во текот на целата средба се обидуваше да се спротистави со сите сили.
Првите шест минути минаа во израмнета игра при што Металург водеше, а домашните израмнуваа. После 2:2 следуваше серија од 3:0 за Металург и прво одвојување. Оваа предност постојано се зголемуваше, а највисоката беше пет гола, 12:7.
Овие пет гола позитива беа намалени, но само за гол до крајот на првиот дел после кој се замина на одмор со 11:15.
Во вториот дел битолчани покажаа уште поголема борбеност. Металург искусно ја чуваше предноста со оглед на намалениот ростер бидејќи овој дуел го играше со вкупно 14 ракометари. Не му дозволи на домаќинот да се доближи на повеќе од два гола така што на крајот победата остана за Металург, кој триумфираше со 27:24.
Ова беше прва победа за Кастратовиќ како тренер на Металург, но сега ќе има две недели со дел од ракометарите да се обиде да донесе нешто ново во играта на тимот од Автокоманда.
ПЕЛИСТЕР – МЕТАЛУРГ 24:27 (11:15)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 800. Судии: Сашо Кркачев и Ѓоко Колевски од Скопје. Делегат: Марјан Начевски од Скопје.
ПЕЛИСТЕР: Ристевски, Ивановски, Трајковски 2, Блажевски, Петровски 3, В. Димитровски 4 Митревски, Мандиќ 1, И. Димитриевсаки 2, Петковски, Јовановски, Димитров, Талевски 7, Илиев, Буторац 5, Вардовски.
Седмерци: 2/3, Исклучувања: 12 мин.
МЕТАЛУРГ: Ѓорѓевски, Мијатовиќ, Кондев, Јагуриновски 6, Поповиќ 4, Пецаковски, Шилегов, Танкоски 2, Мариќ 2, Младеновиќ 1, Вујовиќ, Чантурија 6, Кбилашвили 3, Арсеновски 3.
Седмерци: 1/3, Исклучувања: 16 мин.