Во натпревар од 5. коло од Женската лига, составот на Пелистер стигна до рутинска победа против фенерџијата од групата А, тимот на Спартак, со 15 гола разлика, 32:17. Избраничките на Адријано Котевски уште во првото полувреме ја запишаа новата победа и новите три бода и без проблеми ги одиграа и вторите 30 минути.
Амбициозниот тим на Пелистер доколку продолжи да игра во одлична форма на останатите натпревари од регуларниот дел, тогаш ќе обезбеди сигурно место во плеј-оф фазата и ќе има шанси да се бори за титулата. Моментално тимот на Котевски се позиционира на 2. позиција на табелата.
Домаќинот парираше само на стартот од дуелот, кој беше одигран во спортската сала при ОУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода. По нерешените 1:1, гостинот од Битола поведе со 3:1 и од тој момент започна со доминацијата на теренот. Водството на Пелистер се зголемуваше од минута во минута, а тимот на Спартак немаше решение како да ги запре разиграните ракометарки од Битола. Пелистер веќе кон средината на првото полувреме се одлепи на 10:5 и на полувреме замина со активен резултат од 15:10.
Гостинот на почетокот на второто полувреме со два гола во низа зголеми на 17:10 и до крајот постепено ја зголемуваше резултатската предност. Спартак во вториот дел одвреме-навреме доаѓаше до реализација и дозволи гостинот да постигне повеќе гола од првиот дел. Во второто полувреме се разигра и Наумовска, а Босилковска продолжи да ја полни мрежата на домаќинот, па така составот на Пелистер дојде до убедлив триумф од 15 гола разлика.
Најефикасни во победничката екипа беа Моника Босилковска со 12 и Кристина Наумовска со девет гола. Во поразениот табор по четири гола постигнаа Антонија Радевска, Елена Крстевска и Јана Ѓошевска.
ЖЕНСКА ЛИГА ГРУПА А