Пелистерци со „плус два“ против АЕК на полувреме

По првите триесет минути од последниот дуел во група Д на Лига Европа, Еурофарм Пелистер има предност од два гола, 10-8, против АЕК Атина. Пред полните трибини во Битола, Пелистер е поблиску до потврда на втората позиција на табелата.

Еурофарм Пелистер има два гола предност 10-8 во воведните триесет минути од дуелот против грчкиот претставник АЕК, натпревар од последното коло во групната фаза во ЕХФ лигата на Европа.

„Фармацевтите“ во убавиот амбиент пред полната сала „Боро Чурлевски“ во Битола одиграа тврд прв дел и ја наметнаа својата игра од самиот почеток. Грчкиот претставник, кој во Битола ја доби поддршката и од своите навивачи, го следеше противникот во чекор.

Почетните минути им припаднаа на одбраните и голманите на двете екипи затоа после десет минути екипите беа изедначени на по три погодоци. Пелистер својата шанса за прво водство од два разлика ја имаше во 14. минута, Маркоски не реазлираше од чиста позиција, а одличната интервенција на голманот на АЕК ги врати гостите во егал, Хименез повторно го изедначи резултатот на 4-4.

Во исто темпо продолжи и средината на првиот дел. Одличната одбрана на домашните ракометари немаше соодветен одговор во нападот, па затоа противничкиот голман Буковинас на средина на полувремете веќе имаше седум одбранети удари, а АЕК гол негатива.

Босанскиот репрезентативец Елмир Граџан на истекот на 19. минута искористи контра напад и го донесе првото водство за Пелистер од два гола, 6-4. Мартон Секељ продолжи да блеска на голот, одбрани удар на Угалде од чиста позиција, а потоа и  десниот бек Стевановиќ.

Одличниот период за домашниот голман им овозможи на битолчани да го создадат највисокото водство на натпреварот, а Табоада да го запише вториот гол за највисоки 7-4 и тајм аут за клупата на АЕК.

После тајм аутот на грчкиот претставник Пелистер не успеа да ја продолжи одличната игра, нападот немаше свежа идеја, а токму тој период и избрзаните удари го вратија грчкиот претставник на гол негатива. Затоа пак македонскиот претставник продолжи со добрата игра во одбраната и тоа беше причината што АЕК не успеа комплетно да се врати во игра на овој дуел. АЕК не го искористи авојот напад, а Маџовски откако во претходниот напад ја погоди пречката, беше прецизен од истата позиција во следниот напад. Одличната одбрана на пелистерци во последната минута го принудија противникот на грешка, а празниот гол го погоди Божик Павлетиќ за враќање на највисоките три голови разлика. Во последните секунди од првото полувреме Лемос ги постави конечните 10-8.

Најпрецизен во првиот дел беше Божиќ-Павлетиќ со три голови, а го следеше Табоада со два. Кај гостите Пападиониу и Лемос постигнаа по два погодока.