Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер денес ги започна подготовките за новата сезона, во која тимот ќе се натпреварува на дури пет фронта – Суперкуп, Куп на Македонија, СЕХА лига, Лига на Европа и Суперлига.
Тимот, кој лани финишираше на втората позиција во домашниот шампионат, претрпе поголеми промени во играчкиот кадар и доби нов предводник. Данецот Ларс Валтер ќе ги предводи „фармацевтите“ во новата сезона и ќе се обиде со своите избраници да го симне Вардар од македонскиот трон.
Еурофарм Пелистер се засили со голманот Урбан Лесјак, пикерите Жарко Пешевски и Денис Василев, како и бековите Руди Сери, Вилсон Дејвис и Усама Хосни.
Клубот по завршувањето на изминатата сезона го напуштија Немања Обрадовиќ, Стипе Мандалиниќ, Јосип Периќ, Матео Мараш, Никола Маркоски, Емил Граџан, Јосип Божиќ Павлетиќ, Филип Ивановски, Мартон Секељ, Реиние Табоада, како и тренерот Жељко Бабиќ.
Еурофарм Пелистер 2022/23, состав:
Голмани: Урбан Лесјак, Марко Кизиќ, Бобан Ристевски
Леви крила: Цветан Кузманоски, Гоце Ојлески, Бојан Маџовски
Леви бекови: Руди Сери, Дејан Кукуловски, Емилијан Ѓорговски
Средни бекови: Вилсон Дејвис, Павле Атанасијевиќ, Марио Танкоски
Десни бекови: Усама Хосни, Павле Петровиќ, Мартин Велковски
Десни крила: Мирко Радовиќ, Ненад Костески
Кружни напаѓачи: Жарко Пешевски, Денис Васиљев
Дефанзивец: Милорад Кукоски
Стручен штаб:
Тренер: Ларс Валтер
Асистент тренер: Божидар Мојсов
Тренер на голмани: Ице Соколески
Кондиционен тренер: Александар Марковски
Физиотерапевти: Филип Милевски и Христијан Стојановски
Од почетокот на сезоната 2022/23 ракометарите Павле Атанасијевиќ и Цветан Кузманоски се приклучени кон тимот на Еурофарм Пелистер по две успешни сезони во Еурофарм Пелистер 2.
Во овој период тие ги исполнија сите цели, двапати играа плеј-оф, еднаш завршен турнир на Купот на Македонија, изборија место во ЕХФ Лига Европа, а стигнаа и до репрезентативниот дрес. Ракометарите Емилијан Ѓорговски и Павле Петровиќ ќе го минат подготвителниот период со Еурофарм Пелистер во Битола и Маврово.