Ракометарите на Вардар ја забележаа осмата победа во суперлигашкиот плеј-оф, откако славеа на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер 2 со 26-33. Во „црвено-црниот“ состав недостигаа Димитриоски, Дисингер, Кизиќ, Валчак и Шеваљевиќ.
Избраниците на Александар Јовиќ парираа одлично во првото полувреме на поискусниот ривал. Вардарци поведоа со 3-5, но домашните набрзина израмнија на 5-5. Во продолжение се играше гол за гол, а Вардар никако не успеваше да се одлепи.
Во последната минута од првиот дел, гостинските ракометари влегоа со предност, 14-15, но на пауза заминаа со негатива. Најпрво Арсеновски израмни на 15-15, а во последната секунда по една грешкка на вардарци, водство на Еурофарм Пелистер му донесе Атанасијевиќ.
Битолчани по три минути игра во вториот дел за првпат стигнаа и до плус два, 18-16, но направија потоа три грешки кои ги казнија Гаџа, Стоилов и Дибиров за пресврт и водство на Вардар, 18-19.
Двократниот европски првак заигра посериозно во продолжение, Кантегрел влезе во серија на неколку одбрани и набрзина Вардар се одлепи на плус шест, 18-24, а домашните го прекинаа десетминутниот пост без гол преку Петровиќ за 19-24.
Врзаа битолчани три гола во серија за 22-26 на десетина минути до крајот, но тоа беше премалку за неизвесна завршница. Вардарци само рутински го одработија финишот за конечни 26-33 и осма победа во плеј-офот.