Репрезентативката на Македонија, Андреа Седлоска заедно со Локомотива Загреб во новата сезона ќе учествуваат во Лига на шампионите, а уште во првото коло, хрватскиот шампион ќе има тежок предизвик, ќе игра против Рапид Букурешт, екипа која има големи амбиции да стигне до Ф4 турнирот во елитното европско натпреварување и екипа против која ќе играат и во последното коло.
Првото коло во Лига на шампионите кај дамите ќе започне на 10 септември. Натпреварот меѓу Локомотива Загреб и Рапид Букурешт ќе се одигра на истиот датум (10 септември), со почеток од 18:00 часот во Загреб. Хрватскиот тим во второто коло ќе гостува во Шведска кај Сторхамар, додека во третото коло силите ќе ги одмери со Будуќност на свој терен.
По натпреварот со Будуќност, на 9 октомври следува гостувањето кај еден од фаворитите за освојување на титулата, Ѓер. Локомотива Загреб ќе игра уште со екипите на Кастамону, Есбјерг и третопласираната екипа од последниот Ф4 во Лига на шампионите, француски Мец, во рамки од групата Б.
Регуларниот дел од Лига на шампионите во женска конкуренција ќе заврши во февруари. Покрај настапите во Лига на шампионите, Локомотива Загреб ќе биде фокусирана на домашниот шампионат, во кој ќе треба да ја одбрани освоената шампионска титула од минатата сезона.