Ракометарите на Младост Богданци, кои во претходното коло беа убедливо поразени од Мулти Есенс, денес на свој терен немаа големи проблеми против тимот на Шампион и триумфираа со 33:26 во натпревар од 6. коло од Првата лига
За Младост Богданци денешната победа беше четврта во новата сезона во прволигашкото друштво. Шампион во досегашниот тек од натпреварувањето има забележано само една победа и моментално со дебитантот Бисинов остануваат на последните две места на табелата во групата А.
Домаќините на овој дуел беа доминанти во секој сегмент и предводени од Пеев, Атанасов и Гогов лесно се справија против гостинит од Скопје. По нерешените 1:1 на стартот, домашниот состав со два гола во низа се одлепи на 3:1 и до крајот на натпреварот ја имаше целосната контрола на теренот.
Шампион не можеше долго да парира и издржа до средината на првото полувреме. Откако резултатот беше 10:8 во 15 минута, составот на Младост до крајот на првото полувреме постигна уште шест гола, а во својата мрежа прими само три и на пауза замина со активен резултат од 16:11.
Гостите беа ставени во незавидна положба, немаа многу опции во нападот и од минута во минута во вториот дел го губеа натпреварот. Младост на почетокот на второто полувреме поведе со 18:11 и во тој момент стана јасно дека гостите ќе имаат тешка задача да се вратат во игра. Во 40 минута резултатот беше 23:16 за домашниот состав, кој овие седум гола разлика ги сочува до финишот и се израдува на четвртата победа во новата сезона.
Најдобар кај домаќините беше Димитар Пеев со девет погодоци, пред Ѓорѓе Атанасов со осум, додека Стамен Гогов имаше седум реализации. Кај Шампион се истакнаа Христијан Сибиновски и Стефан Огненовски со по пет погодоци.