Според францускиот спортски весник „Л’Екип”, поранешниот тренер на Барселона, Чави Пасквал, кој моментално го предводи амбициозниот тим на Динамо Букурешт е најголемата желба на ,,светците” од Париз за преземање на тренерското место во ПСЖ.
Веќе е извесно дека екс тренерот на Вардар и актуелен предводник на ПСЖ, Раул Гонзалез нема да го продолжи договорот со францускиот клуб и најверојатно неговата нова дестинација ќе биде унгарскиот шампион ПИК Сегед.
Гонзалез откако го напушти Вардар во текот на 2018 година стана тренер на ПСЖ, но во претходните четири сезони не успеа со неговите избраници да ја освои титулата во Лигата на шампионите, а тоа е најголемата желба на челниците на најбогатиот европски клуб.
Пасквал освен што е актуелен тренер на Динамо Букурешт, тој ја предводи и машката сениорска репрезентација на Романија, што може да биде и причина за одбивање на евентуалната понуда од ПСЖ.
Доколку ПСЖ не успее да се договори со Пасквал, кој со Барселона освои три титули во Лигата на шампионите, како негова алтернатива се споменуваат Магнус Андерсон од Порто и Чема Родригез од Бенфика.