Некогашниот тренер на европскиот шампион Вардар, Роберто Гарсија Парондо, одлично се снаоѓа и во новата улога, а таа му донесе нови предизвици како селектор на репрезентацијата на Египет.
Откако одигра четири пријателски средби низ Европа, и загуби на два пати од Србија и Шведска, Египет предводен од Парондо замина за Тунис, каде се одржува Африканскиот куп на нации.
„Фараоните“ немаа воопшто проблеми во групната фаза и забележаа три убедливи победи. Против Гвинеја Египет славеше со 39-22, над Кенија со 44-19, додека Конго го победи само со девет разлика, 28-19.
Во главната рунда и Габон мина на редот со победа од 36-17, а останува уште дуелот со Ангола за првото место, на кој повторно египќаните се големи фаворити. Во полуфиналето најверојатно противник на Египет и Пародно ќе биде селекцијата на Алжир, додека во евентуалното финале би требало да ги чека големиот ривал Тунис.