За десетина дена во Египет ќе започне Светското првенство, а „фараоните“ по 22 години повторно ќе бидат домаќини на Мундија.
Во 1999 година, Египет беше домаќин на СП, но само со 24 репрезентации, а сега ќе има осум повеќе – 32. Селекторот на домашната селекција, Роберто Парондо вели дека се соочувале со големи проблеми поради коронавирусот, но истакнува дека Египет е подготвен да се бори за највисок пласман.
„Имавме повеќе од десет позитивни случаи последниот месец, тоа ни ги отежнуваше тренинзите. Игравме пријателски натпревари против Бахреин, што беа единствени во последните дест месеци, иако планиравме да одиграме осум. Сепак ќе имаме шанса против Јапонија на два меча да видиме колку сме подготвени пред СП. Низ подготовките пробавме 27 играчи и повеќе од нив добија шанса да играат. Ќе треба од секој играч да го извлечеме максимумот. Дуелот со Чиле ќе биде најважен за нас, но целта останува да бидеме конкурентни во секој дуел. Претходно, Египет не успеваше да победува европски селекции, ако сега го направиме тоа, тогаш сме пораснале како тим. Нашиот сон е што повисок пласман, ако го направиме тоа ќе бидам многу горд на момците. Мораме да веруваме во нас дека сме способни за највисок дострел. За жал нема да имаме голема поддршка поради пандемијата“, вели Парондо за сајтот на Светското првенство.
Шпанскиот стратег вели дека неговата татковина е подготвена да оди далеку на ова СП.
„Шпанија игра одлично на последните големи натпреварувања. Мислам дека ќе стигнат и сега до полуфинале, но тука се Данска, Хрватска, Норвешка, Франција и Словенија, кои сигурно ќе се борат за истото“, заврши Парондо.