После „француското“ влијание, Египет се сврте кон новиот бран на тренерска школа - шпанската со надеж дека покрај титулата на својот континент, ќе им донесе и место на пиедесталот на светското првенство.
Светското првенство во ракомет во Египет, ќе биде единствено само по себе. Фактот што се игра во услови на светска пандемија, го прави поинакво од сите други досега. Отсуството на публика на натпреварите, не е единствен проблем на организаторот, формирањето на ростерот на репрезентациите учеснички на Mундијалот, како за тренерите на тимовите, претставува голем проблем за самиот организатор, што доведе до откажување во последен момент на одредени репрезентации. Соочено со тие проблеми ИХФ, сепак, најде начин и решение да го отпочне 27. Светското првенство.
A oтвори со натпреварот меѓу селекциите на домаќинот Египет и Чиле. Дуел на двајца селектори Шпанци, поранешни репрезентативци и соиграчи на оваа држава. После „француското“ влијание, Египет се сврте кон новиот бран на тренерска школа – шпанската со надеж дека покрај титулата на својот континент, ќе им донесе и место на пиедесталот на светското првенство. Репрезентацијата на Чиле, имавме прилика да ја следиме барем преку новинарски извештаи, се подготвуваше во Скопје и остави впечаток дека ќе биде само незначаен учесник на ова Светско првенство.
Самиот натпревар двете репрезентации го отпочнаа во грч, Египет ја имаше улогата на фаворит, додека Чиле се надеваше на изненадување на отворањето на првенството. Во таа бркотица по теренот Египет помалку грешеше и затоа за кратко време се одлепи на четири разлика за на полувреме да отиде на седум разлика. Чиле тврдоглаво форсираше на игра преку пивот, каде што најчесто грешеше, а Египет во желба што побрзо да казни преку брзи контри и полуконтри често беше неуспешен.
Во второто полувреме се повтори истата слика. Египет ја зголеми својата предност. Високата разлика значеше мало опуштање на репрезентацијата на Египет и намалување на резултатската разлика, но при крајот повторно благодарение на неколку грешки на Чиле, Египет обезбеди сигурна предност и конечни 35:29.
За една репрезентација која сака да го изненади домаќинот, Чиле мораше да одигра далеку подобро во одбрана. Дисциплината во игра која отсекогаш била проблем на африканските селекции, ми се чини дека и овој пат ќе биде проблем на селекторот Парондо. Следејќи ги тајм-аутите добив впечаток дека јазичната бариера ќе претставува проблем. Она што јас го слушнав и разбрав (со моето скромно познавање на англискиот јазик) не соодвестуваше со играта на теренот. Дали тоа е недоволно познавање на англискиот јазик или недоволно дисциплина, ќе видиме во натпреварите што следат.
Ако по утрото денот се познава, тогаш репрезентациите на Македонија, Египет и Шведска ќе бидат главни фаворити за освојување на трите места во нашата група.