Поранешниот тренер на екипата на Хорсенс, Ларс Фредериксен, реши да ја продолжи својата тренерска кариера. Искусниот стратег, кој во 2021 година се повлече од ракометните терени, сепак, ја прекина пензијата и во остатокот од сезоната повторно ќе води клуб, но не во својата татковина.
Данецот ќе биде новиот тренер на Ал Сафа од Саудиска Арабија. 53- годишниот тренер и раководството на клубот од Саудиска Арабија доколку бидат задоволни од постигнатото, тогаш ќе можат да ја продолжат соработката на уште две сезони.
Фредерикасен откако се раздели со Хорсенс започна нова авантура, стана тренер за сноуборд во Австрија, но богатата понуда од Ал Сафа била причина да се врати на ракометните терени.
,,Најпрво го одбив клубот, потоа повторно ме контактираа челниците и по вторпат ги одбив. Претставникот на клубот ми се јави на телефон и рече да го отворам својот мејл, имало доставено нов договор. Го прочитав договорот, ја видов понудата, едноставно се премислив. Не е никаква тајна дека платите во Саудиска Арабија се многу високи. Затоа се согласив да прифатам. Плус, клубот ми обезбеди одлични услови, кола, стан, локацијата е одлична…Има терен за голф, како и добри можности за возење велосипед и сурфање. Поради овие работи решив да ја прифатам понудата”, изјави Фредериксен за данската телевизија „Спорт ТВ2“.
Новиот тренер на Ал Сафа во својата тренерска кариера беше предводник и на Фредеридција, Колдинг, Есбјерг и Вејен. Со екипата на Есбјерг во сезона 2016/17 ја освои шампионската титула во националниот шампионат.