Тимот на Пролет ја продолжи победничката серија во Суперлигата и оствари лесен триумф на гостувањето во Струмица кај составот на Астраион со 24-31.
Домаќинот кој беше со редуциран ростер на овој натпревар, парираше солидно во првото полувреме, барем во првите петнаесетина минути кога беше 6-7. Потоа гостите се одлепија на 6-9, а беше и 7-11.
На пауза сепак се замина со плус три за избраниците на тренерот Никола Матлиески, 11-14. Кога на стартот на второто полувреме Пролет даде три гола во серија за 11-17, веќе беше јасно дека бодовите патуваат во Скопје.
Гостите имаа и 11 голови разлика на средината на вториот дел, но до крајот струмичани успеаја некако да го направат поразот пристоен, 24-31.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Давор Палевски со 11 погодоци и Мартин Димов со четири. Дебитираше и новото засилување за Пролет, Жарко Пејовиќ со два гола. Во составот на Астраион се истакна Мите Караиванов со 11 голови.