Ракометарите на Пролет ја прекинаа серијата порази и по загубените средби од КЛ7 и Охрид, триумфираа на гостувањето кај Радовиш со 19-22. На полувремето, гостите од Скопје имаа предност од два гола разлика, 10-12.
Избраниците на Никола Матлиески поведоа на стартот со 0-3, а потоа беше и 3-8. Сепак упорните домаќини успеаја да намалат дел од негативата и на пауза да заминат со минус два, 10-12.
Во второто полувреме Пролет отвори со два гола за 10-14, но Радовиш со убава серија од четири погодоци израмани на 14-14 за првпат во мечот. Беше и 15-15, пред Пролет да искористи две домашни грешки и да се одлепи на плус два, 15-17.
Оттогаш гостите искусно успеваа да ја задржат предноста што беше два или три погодоци. По 19-21 во финишот, десното крило Димов успеа да погоди во последната минута за триумф на Пролет со 19-22.
Најдобар стрелец во победничкиот тим и воопшто на мечот беше Давор Палевски со 12 голови, а четири даде капитенот Ласко Андоновски. Во домашниот тим се истакнаа Зоран Стојановски и Ивица Илиев со по пет голови.