Извршниот комитет на ракометната федерација на Словачка реши да ја прекине соработката со селекторот, Петар Кукучка, по неуспехот во бараж натпреварите за пласман на Светското првенство 2023.
Репрезентацијата на Словачка беше елиминирана во првиот бараж двобој од Белгија, која обезбеди пласман на Мундијалот во Полска и Шведска.
Словаците на првиот натпревар против Белгија обезбедија триумф од 28:26, додека на реванш натпреварот беа поразени со пет гола разлика, 31:26.
Победникот, во овој случај Белгија, требаше да игра со Русија за виза на Мундијалот, но поради санкциите на ЕХФ и ИХФ кон Русија, репрезентацијата на Белгија обезбеди директен пласман на Светското првенство.
„Со селекторот Кукучка се договоривме да ја прекинеме соработката. Неговото разрешување денеска едногласно го потврдија членовите на Извршниот комитет на ракометната федерација на Словачка. Би сакале да му се заблагодариме на Петар и на целиот тим за работата од две и пол години. Во моментов подготвуваме нов концепт и визија за функционирање на репрезентацијата на Словачка за наредните години“, изјавија од федерацијата на Словачка.
Словачка заедно со Унгарија оваа година беа домаќини на Европското првенство, но и двете репрезентации се покажаа во лошо светло и својот настап на континенталниот собир го завршија уште во раната фаза.