Еурофарм Пелистер победнички се враќа од Португалија, падна Агуаш Санташ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа првата победа во Лигата на Европа, откако славеа против португалскиот Агуаш Санташ со 29-27 во натпревар од второто коло. Иако можеа многу порано да го обезбедат триумфот, сепак се помачија во финишот на мечот, кога македонскиот репрезентативец Марио Танкоски ги даде клучните голови.

Мечот не тргна според очекувањата на битолчани. Агуаш Санташ поведе со 3-0, но македонскиот вицепрвак набрзина се врати во игра и израмни на 3-3. Во 7 минута се повреди десниот бек Усама Хосни, кој од стартот на сезоната е меѓу најдобрите стрелци, кој беше на носилки изнесен на теренот.

Се играше гол за гол во следниот период до 5-5. Потоа тргна серијата на Еурофарм Пелистер. Пешевски погоди два пати, реализираше и Костески, па битолчани поведоа со 10-6. Кузманоски промаши пенал, па Агуаш Санташ казни на спротивната страна и предноста беше преполовена, 12-10. Валтер повика тајм-аут, па Костески и Сери стрелаа за плус три на пауза, 15-12.

На стартот на второто полувреме битолчани се одлепија на плус шест, 20-14, а по водството од плус седум, 25-18, избраниците на Ларс Валтер како да застанаа на теренот. Девет минути не постигнаа погодок, а за тоа време упорниот домаќин успеа да намали на минус еден, 25-24.

Домашните останаа без Реис Дос Сантос кој доби црвен картон поради три исклучувања. Постот без гол го прекина Хенеберг за 26-24 на пет минути до крајот, но Агуаш Санташ намали на 26-25.

Со голот на Танкоски беше 28-26, уште еден играч на домаќините доби црвен картон поради три исклучувања, но битолчани погрешија, па Агуаш Санташ веднаш казни. Одличниот Танкоски погоди за плус два, 29-27, а домашните погрешија и веќе беше јасно дека ќе слави Еурофарм Пелистер.

Најдобри стрелци во Еурофарм Пелистер беа Хенеберг со седум и Пешевски со пет погодоци, а Лесјак одбрани шест удари. Во следното коло на 22 ноември во Битола гостува Фуксе Берлин.