Ракометарите на Јехона со победата над Партизан од 34:30, обезбедија сигурно место во плеј-оф фазата од Првата машка лига.
Гостите од Гостивар во текот на целиот натпревар беа во водство, водеа со 6:1 во воведниот дел од средбата и со ист ритам продолжија до самиот крај. Победникот веќе беше решен на полувреме кога резултатот беше плус шест гола разлика за екипата на Јехона, 16:10.
Во второто полувреме, Живкоски, Марковски, Бошковски и Трајчевски, со своите погодоци го одржуваа водството на својот тим, кое во последниот период од натпреварот беше само три гола разлика, 30:27, но домаќините немаа сила да направат евентуален пресврт.
Најефикасни во победничката екипа беа Стефан Бошковски со осум и Михајло Живкоски со седум погодоци, додека блескав настап на голот имаше Христијан Павлоски, кој собра 15 одбрани.
Во составот на Партизан се истакнаа Горан Лисичков со 11 и Ѓорѓе Банцалиски со девет погодоци.
Во последното коло од регуларниот дел од Првата лига, Јехона на свој терен ќе соочи со Борец од Велес.