По ремито со Кадетен Шафхаузен на домашен терен, ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува дуел со Рајн Некар Левен во Лигата на Европа.
Битолчани пристигнаа во Манхајм, вечерва ќе тренираат во салата каде што ќе се игра натпреварот, а единствено лево крило во составот ќе биде Гоце Ојлески.
Тој вели дека нема што да се загуби на овој дуел и може само да се добие.
„Секако дека коронавирусот остави трага. Не е лесно да си надвор од тренажен процес десетина дена. Видовме како тоа се одрази на натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Атмосферата не се наруши, продолживме да тренираме, да ја вратиме снагата и да се подготвиме за натпреварот во вторник. Рајн Некар Левен е фаворит во групата. Не е лесно да се игра против нив, посебно на гостински терен. Нема што да загубиме, одиме да играме европски ракомет и можеме само да добиеме и да се воиграме за следните натпревари кои ни следуваат“, вели Ојлески.
Натпреварот меѓу Рајн Некар Левен и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 20:45 часот.