Репрезентацијата на Македонија ја совлада Романија со 30:22 во првиот натпревар од првиот бараж за место на Мундијалот следната година во Полска и Шведска.
Пред исполнетите трибини во СЦ „Борис Трајковски“ свој камбек во македонската репрезентација имаше левото крило од Еурофарм Пелистер, Гоце Ојлески.
Искусниот ракометар е задоволен од прикажана игра на денешниот натпревар против Романија, но смета дека не треба да има премногу опуштање и покрај високата предност, со која Македонија ќе патува на реванш натпреварот во Букурешт.
„Можеби на почетокот на натпреварот не беше така лесно, но чекор по чекор ја градевме резултатската предност. Мислам дека одигравме добар натпревар, но не значи дека оваа предност ќе ни биде доволна за понатаму. Мора да се одигра најдобро на гостински терен и секако, одиме на победа во Романија. За ваквиот резултат клучна беше одбраната во второто полувреме каде што ги принудивме гостите сѐ почесто да грешат и мислам дека тука ја направивме разликата од осум гола. Чувството е многу прекрасно кога играш пред полна сала. Направив добра работа што се вратив бидејќи сакав да и помогнам на мојата репрезентација“, изјави Ојлески.
Реванш натпреварот меѓу Македонија и Романија ќе се одигра на 19 март во Букурешт, со почеток од 17:00 часот.
Фантастичната Македонија слави висок триумф, Романија изгоре во скопскиот пекол!