Ракометарите на Металург кои и против Висла Плоцк беа десеткувани претрпеа очекуван пораз од 19:38 со што останаа без бодови на уште еден натпревар. Тие го загубија натпреварот уште во раната фаза така што беа немоќни во продолжението да направат нешто повеќе.
За првиот погодок се чекаше десет минути. Во овој период веќе беа примени шест гола така што веќе тука беше јасно како ќе се одвиваат работите.
Висла Плоцк, која на денешниот натпревар беше гостин во записникот уште во првите десет минути презеде контрола и постојано беше во висока предност. Како одминуваше времето разликата се зголемуваше и Висла Плоцк одеше кон убедлив триумф. До крајот на првото полувреме се стигна до плус седум и на одмор се замина со 16:9.
За да биде уште потешко во продолжението од натпреварот на крајот од првото полувреме се повреди и Велко Маркоски, па имаше играч помалку во ротацијата во одбрана. Маркоски остана на клупата, па Оливер Димитриоски остана со само една измена во поле бидејќи на клупата имаше уште само двајца голмани како резерва.
Висла Плоцк лесно го носеше овој натпревар кон крајот и без форсирање така што она што беше јасно многу пред почетокот стана потврдено на теренот и беше потврдена новата победа. Тимот од Полска продолжува да доминира во групата и има максимални 12 бода после шест средби. Инаку, во второто полувреме постојано се имаше контрола и мирно беше обезбедена победата која на крајот изнесуваше 19 гола разлика со конечни 19:38.