Тимот на Охрид ги освои првите бодови на стартот на новата сезона во суперлигашкото друштво. Избраниците на Раде Стојановиќ славеа на гостувањето кај новиот член на Суперлигата – КЛ7, со убедливи 23-29.
Уште на стартот на првиот дел гостите се одлепија на предност од три гола, 1-4. Беше и 2-7, а по 20 минути Охрид водеше со 6-13. За момент домашните ракометари врзаа два гола во серија и намалија на 8-13.
Сепак тоа беше само момент на блесок, бидејќи следуваа серија грешки што беа казнети од Андоновски, Блажески, Костов и Ивановски, за убедливи плус девет на пауза, 8-17.
Во вториот дел се измешаа поставите на теренот, двајцата тренери им дадоа шанса на повеќето ракометари од клупсата, но КЛ7 немаше сили да ја загрози високата предност на Охрид. До крајот, гостите рутинирано го затворија мечот со конечни 23-29.
Во следното коло што ќе се игра в понеделник, Охрид е слободен, а КЛ7 гостува кај Радовиш.