ОХРИД 2023: Спортскиот директор Ристески потврди – турнирот секогаш ќе биде со 8 екипи и со четири од странство

Во изминатите денови тимот на 24Ракомет почна со одбројување до почетокот на второто издание на најновиот македонски ракометен турнир „Охрид 2023“ што има амбиции да биде традиционален, долговечен, најдобар и најпосакуван. Секојдневно преку различни текстови ви ги претставивме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот. Турнирот ќе се игра од 23 до 26 август со учество на осум екипи од пет земји... Ве чекаме во Охрид во сала!

Охрид најавува сериозно дека сака да го преземе приматот да го има најсилниот машки ракометен турнир во Македонија во иднина. Во своето второ издание со кое го најавува континуитетот, охриѓани одат чекор напред – имаат турнир со 8 екипи, од што четири се од странство. Во Охрид доаѓа актуелниот македонскиот првак, поранешен европски првак, повеќекратни прваци на своите земји…

Денеска е првиот натпреварувачки ден, свеченото отварање. Кога ќе се слушне судиското свирче ќе биде полесно, зошто ќе се означи почетокот, и понатаму се ќе биде во знакот на ракометот. Први на теренот излегуваат ракометарите на Бешикташ од Турција и Голден Арт од Скопје.

Сезонава на турнирот учествуваат Охрид (домаќин), Еурофарм Пелистер, Бутел и Голден Арт (сите од Македонија), Металопластика (Србија), Бешикташ (Турција), Татран (Словачка) и Олимпијакос (Грција)

И во иднина овој турнир треба да биде традиција, да има најмалку 8 екипи, и најмалку 4 да бидат од странство. Тоа треба да биде една од одликите на турнирот, заедно со оние други активности кои организаторот ги планира, со цел Охрид да биде место на ракометни случувања – натпревари, семинари, предавања, повеќе гости, учење, напредување…

„Поради турнирот првпат во Охриод ќе се одржи семинар на судии и делегати. Тој ќе биде во два дена, на 26 и 27 август. Ќе се полагаа за новата сезона, и сите ќе ги гледаат мечевите за трето место, како и финалето, вели Славчо Ристески, спортскиот директор на ГРК Охрид и еден од членовите на организацискиот одбор на турнирот „Крсте Андоновски – Усташ“.

Играњето на турнирот е само една од придобивките на екипите. Оние што досега не биле во Македонија ќе можат малку и да прошетаат, да ги видат убавините на „македонскиот Ерусалим“. Самиот факт што тука игра актуелниот македонски првак Еурофарм Пелистер привлече и други сериозни екипи. Тоа само покажува колку домаќините сериозно ја сфатиле својата задача и работеле на подигнување на нивото и на квалитетот.

„Сакаме турнирот да прерасне во традиционален, а годинава го направивме доста посилен и со странски екипи и со домашни. Ова ќе биде турнир што ќе понуди секој денови интересни мечеви. Благодарни сме до екипите што прифатија да играат, до Општината Охрид што одвои буџетот за да дојдат седум екипи. Се надевме дека публиката ќе ужива во добар ракомет, и се надевме дека традицијата ќе продолжи и постојано ќе имаме подобар и подобар турнир, вели Ристески.

Поканите биле испратени до повеќе екипи, оние што прифатиле се во самиот врв во своите змеји, а некои играат во ЕХФ Лигата на шампионите и европските купови. Поради силината на турнирот некои од оние што претходно прифатиле морале да откажат бидејќи сметале дека ќе им биде премногу тешко да бидат рамноправни ривали. Токму затоа откако виделе кои се учесниците на турнирот од фински Кокс го откажале играњето бидејќи сметаат дека не се на нивото на другите екипи.

Секој ден од 23 до 26 август ќе има по четири натпревари дневно, во истите термини од 11:00 часот, 13:15 часот, 18:00 часот и во 20:15 часот. Цената на единечен билет е 100 денари, а на блок билет за сите 16 мечеви – 500 денари!

„Се водевме од распоредите на други турнири и сметаме дека се може да се одигра во четири денови. Сите екипи имаат различни термини во кои играат и полесни и потешки ривали. Август е месец што идеално одговара, и сите екипи во периодот од 15 до 31 август сакаат да играат натпревари. Затоа и ние сакавме во тој период да бидеме организатори. Тие контролни средби се добредојдени за нас, но и за другите екипи, вели Ристески.

Најголемиот предизвик за организаторите е како да се сместат над 230 луѓе кои се дел од турнирот. Туристичката сезона во Охрид е во полн ек, и сите капацитети се полни. Луѓето сакаат да се шетаат, да уживаат и да се бањаат, но секако и да погледнат некој спортски натпревар, а ракометот им нуди можност да видат интересни натпревари, познати имиња и нови ѕвезди кои допрва ќе засјајат на ракометното небо.

Ако не сте во можност да бидете во Охрид, тогаш натпреварите може да ги следите на директните преноси што ќе бидат на интернет платформите на клубот и на 24Ракомет.
.
Повеќе детали за турнирот во Охрид 2023, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… ќе можете да најдете во делот посветен за турнирот на www.24rakomet.mk во главното мени на страната што е веќе активен.
.
.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.
.