ОХРИД 2023: Некогашниот европски првак падна пред налетот на Бутел Скопје

Ракометарите на Бутел Скопје ја запишаа првата победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“, откако по поразот од Еурофарм Пелистер, го победија некогашниот европски првак Металопластика Шабац со 28-27. Македонскиот тим заслужено славеше против српскиот, откако во најголем дел од мечот имаше контрола на резултатот.

Во првите десетина минути блескаше на голот Александар Стојаноски и бутелци успеаја да стигнат до предност од плус три, 6-3. Тоа беше причина стратегот на Металопластика, Владан Матиќ, да побара тајм-аут.

Имаше Бутел и плус четири, 7-3, но Брајовиќ намали на 7-4. Проблем за македонскиот тим беше и повредата на десниот бек Николов, кој го свитка зглобот. Избраниците на Горан Кузманоски не попуштаа во ритамот и ја одржуваа предноста.

Стојаноски продолжи да брани одлично и беше 10-6 по дваесетина минути игра. Следуваа промашувања на двете страни, пред Цветковски да зголеми на 11-7, а беше пропуштена прилика за плус пет.

Бутел – Металопластика

Бутел во новата сезона има млад тим, без големи ѕвезди, но затоа има екипа која покажа дека има сила да биде фактор во Македонија. Во второто коло од турнирот „Крсте Андоновски - Усташ“ скопјани го „земаа скалпот“ на поранешниот европски првак Металопластика. Има контрола на резултатот, и со неколку гола предност.

До крајот на полувремето Металопластика успеа да искористи две грешки и намали на 12-10, а веќе на стартот на полувремето успеа и да израмни на 12-12. Сепак Бутел не се предаваше и успеа да се врати во водство.

Во продолжение се играше гол за гол, а на десетина минути до крајот на мечот, по двете интервенции на голманот Блажески, македонскиот тим стигна до плус три, 22-19, преку младиот Цветковски.

Погоди и кадетскиот репрезентативец Субашевски за 25-22, но српската екипа анулираше два гола, 25-24, кога останаа да се играат уште пет минути до крајот. Ѓеоргиевски прво погоди за 26-24, а потоа изннуди и пробивање.

Иваниќ, екс членот на Металопластика, а сега на Бутел, со шут од далечина зголеми на 27-25. Потоа српските ракометари почнаа да играат пресинг, намалија на 28-26, имаа и напад, но Блажески одбрани, па потоа немаше време за нешто повеќе.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.