23 до 26 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се одржи второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ со учество на осум екипи. Покрај домаќинот Охрид, од Македонија ќе играат екипите на Голден Арт, Бутел Скопје и шампионот Еурофарм Пелистер, додека од странство ќе дојдат турскиот Бешикташ, грчкиот Олимпијакос, српската Металопластика Шабац и словачкиот Татран Прешов. 24Ракомет Ви ги претставува сите учесници...
Годинава на турнирот во Охрид има осум екипи од пет земји поделени во две групи. Ќе се игра по принципот „секој со секого во групата“, а потоа се разигрува за пласман според освоеното место во групната фаза.
Во групата Б ќе играат екипите на Еурофарм Пелистер, Бутел Скопје, Металопластика Шабац и Татран Прешов.
Како главен фаворит на турнирот, според играчкиот кадар и амбициите, се истакнува токму македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, ги сподели своите очекувања за настапот на турнирот во Охрид.
,,Ние како актуелен државен шампион, ќе се трудиме преку натпреварите на турнирот да ја брусиме нашата форма за следите предизвици, а со тоа и да оставиме допадлив впечаток и да ги освоиме симпатиите на публиката. Нашиот тим на овогодинешниот турнир во Охрид ќе настапи во комплетен состав со исклучок на Руди Сери кој полека закрепнува од повредата на коленото и се приклучува на тимот. Ракометниот меморијален турнир е посветен на основоположникот на Охридскиот ракомет, Крсте Андоновски кој беше исклучително ценет стручњак не само во Македонија туку и на просториите на поранешна Југославија. Со тоа организирањето на турнирот, клубот и градот прават огромна чест да не се заборави неговоите лик и дело”, изјави Јовиќ.
Еурофарм Пелистер на турнирот ќе настапи во група со Бутел Скопје, Металопластика и Татран Прешов.
,,Со оглед на фактот дека турнирот е интернационален и во фаза на подготвителен период пред почетокот на сезоната сите екипи ќе бидат максимално фокусирани и ќе ја бараат својата форма токму низ натпреварите на турнирот, па според тоа очекувме квалитни и резултатски неизвесни натпревари. Според мене, главен фаворит за освојување на турнирот е секако мојот тим. Еурофарм Пелистер во сезона 2023/24 ќе атакува на сите можни трофеи во Македонија и претставување на клубот и македонскиот ракомет воопшто, во што подобро светло во Лигата на шампионите”, заврши Јовиќ.
Капитенот на пелистерци Жарко Пешевски, исто така ги сподели своите очекувања за настапот на турнирот „Крсте Андоновски Усташ“, како и за настапот на неговиот тим на домашна и европска сцена.
,,Турнирот во Охрид е втор по ред за кратко време во подговителниов период за нас кој сакаме максимално да го искористиме, а воедно и да се претставиме во наше вистинско светло. На турнирот има квалитетни и силни противници на кој очекувам неизвесни и интересни натпревари. Нема тајни и ракометни енигми бидејќи многупати сме играле против себе во изминатите сезони. Мислам дека нема изразит и главен фаворит посебно дека е припремен период и играчите се далеку од натпреварувачки ритам. Во новата сезона влегуваме со големи амбиции, ја браниме титулата и го напаѓаме Купот на Македонија. Паралелно ќе играме во пеколната Лига на шампионите каде што очекувам да бидеме тврд орев за секој противникот”, изјави Пешевски.
Новиот тренер на Бутел Скопје, Горан Кузманоски, најави дека неговиот тим нема да настапи комплетен на турнирот во Охрид.
,,Овој турнир ќе биде добра увертира за нас како екипа пред почетокот на првенството. Се работи за исклучително добар турнир, со оглед на фактот кои екипи учествуваат. Ќе ги искористиме овие натпревари за да имаме јасна слика за екипата. На турнирот нема да настапиме комплетно, поради повреда ќе отсуствуваат Стефан Крстевски, Дамјан Субашевски и Андреј Петрушевски. Се надевам дека турнирот организациски ќе биде на високи ниво, бидејќи Охрид и организаторите ќе направат се да биде во ред”, изјави Кузманоски.
Младиот тренер како главен фаворит на турнирот го гледа Еурофарм Пелистер.
,,Еурофарм Пелистер е фаворит, шампион на Македонија и учесник во Лигата на шампионите. Оваа година амбициите на клубот се поголеми, потпишаа многу квалитетни играчи. Металопластика во последните сезони се наоѓа на врвот во најквалитетното натпреварување во Србија, учествува и во Европа. Татран е долгогодишен шампион на Словачка, минатата сезона беше втор, но фактот зборува дека со големото искуство од Европа и регионалната СЕХА лига, ќе има голема улога на овој турнир. Нашата цел во новата сезона е пласман во плеј-оф фазата и со тоа да се приклучат неколку играчи од младинската школа, да имаат минутажа во првата екипа. Младинската школа на Бутел последните години забележува голем успех, тоа е генерацијата 2004″, заврши Кузманоски.
Амбициозната Металопластика од Шабац во Охрид ќе ги има последните подготовки пред стартот на сезоната. Металопластика во новата сезона повторно ќе се обиде да се замеша во борбата за титулата на домашна сцена
,,Нашиот тим доаѓа со нов изменет состав, бидејќи имаме осум нови млади играчи. Ова е одлична проверка за нас и се надеваме дека ќе бидеме комплетни. Тимот се запознава и игра секој ден, а големиот број на промени значи дека ќе треба време за она што ни е цел, а тоа е да станеме тим. Очекуваме добри и силни натпревари на турнирот, тоа секако ќе биде вистинско ракометно шоу за публиката. Секој тренер верува дека ќе го освои турнирот, како и секој играч и затоа очекуваме добар ракомет. Во претстојната сезона не очекува сериозна борба и во домашната лига, Купот на Србија, но и во ЕХФ Купот. Очекуваме да поминеме без повреди и со малк усреќа да дојдеме до зацртаната цел. Не е лесно, пред нас е долг пат, сите имаме големи цели и затоа даваме се од себе да ги исполниме”, изјави тренерот на Металопластика, Владан Матиќ.
Капитенот на Металопластика, Дарко Арсиќ, смета дека настапот на турнирот во Охрид ќе биде добра увертира за неговиот тим пред стартот на сезоната.
,,Настапот на турнирот во Охрид за нашиот тим ќе биде одличен тест пред почетокот на претстојната сезона. Тимот е релативно нов и мислам дека добро ќе ни дојдат овие тест дуели. Ќе настапиме комплетни, без разлика на некои мали повреди кои не следат и се дел од оваа фаза на подготовки каде што сме сега. На турнирот има добри екипи со многу добри играчи и поединци. Не би издвоил некој фаворит, ги почитуваме сите. Мислам дека конкуренцијата е силна и публиката ќе ужива во добар ракомет. Металопластика секогаш се стреми да биде на врвот и да се бори за самиот врв, па очекувам да се бориме за трофејот. Тука сме да се избориме за сето тоа, да го дадеме максимумот, па ќе видиме до каде сме. Има многу добри тимови во српската лига и мислам дека е голем успех да се биде едно место подобар од минатата сезона”, изјави Арсиќ.
Словачкиот вицепрвак Татран Прешов долго време доминираше во тамошното првенство, но минатата сезона беше заменет на тронот од тимот на Повашка Бистрица, кој ја доби финалната серија со 3-2 во победи.
Тренерот Павел Јано, кој ја наследи тренерската палка од Марек Гернат, очекува добар пласман на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“.
,,Во Охрид нè очекува турнир кој го сфаќаме со сета сериозност, но таму одиме скромно, бидејќи ја знаеме силата на клубовите со кои играме . Но, ќе се обидеме да одиграме добро и да освоиме нешто. Секој ден клубовите ќе играат по еден натпревар, па ги очекуваат вкупно четири натпревари. Заминуваме со 17 играчи. Јакуб Кравчак се повреди, што значи дека моравме да го оставиме дома и веруваме дека ќе се опорави. Останатите играчи а се здрави…”, изјави Јано.
Новиот капитен на Татран Прешов, Томаш Речичар, со нетрпение го очекува настапот на турнирот истакнувајќи дека неговиот тим ќе има што да покаже пред охридската публика.
,,Со нетрпение го очекуваме настапот на турнирот. Верувам дека ќе има многу квалитетни натпревари кои ќе не тестираат како што треба и ќе ни покажат на што уште можеме да работиме. Не очекуваат тешки и добри натпревари, противниците се квалитетни. Во основа имаме новосоставен тим со нов тренер и нов систем и верувам дека ќе ја покажеме нашата сила и квалитет, изјави новиот капитен на Татран Прешов, Томаш Речичар.
Повеќе детали за турнирот во Охрид 2023, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… ќе можете да најдете во делот посветен за турнирот на www.24rakomet.mk во главното мени на страната што ќе биде активен во вторник на 22 август 2023.
.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.