Од 23 до 26 август во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе се одржи второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“ со учество на осум екипи. Покрај домаќинот Охрид, од Македонија ќе играат екипите на Голден Арт, Бутел Скопје и шампионот Еурофарм Пелистер, додека од странство ќе дојдат турскиот Бешикташ, грчкиот Олимпијакос, српската Металопластика Шабац и словачкиот Татран Прешов. 24Ракомет Ви ги претставува сите учесници...
Годинава на турнирот во Охрид има осум екипи од пет земји поделени во две групи. Ќе се игра по принципот „секој со секого во групата“, а потоа се разигрува за пласман според освоеното место во групната фаза.
Во групата А се наоѓаат домашниот тим Охрид, потоа Голден Арт, Олимпијакос од Грција и Бешикташ од Турција
Домаќинот Охрид, кој во однос на минатата сезона речиси целосно го промени ростерот, ќе посакува да заигра финале пред својата публика.
Тренерот на Охрид, Стевче Алушовски, истакна дека натпреварите на второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“ ќе бидат одлична прилика за екипата уште повеќе да се воигра.
,,Пред се на овој турнир очекувам мојата екипа да го даде максимумот, да ја наметнеме нашата игра, да се воиграат играчите, а резултатите и пласманот се во втор план, главното за нас почнува на 9 септември. Имаме против нас добри противници, се надевам публиката ќе гледа одличен ракомет. На овој турнир настапуваме во целосен состав”, изјави Алушовски.
Искусниот стратег смета дека сите екипи имаат шанса да го освојат трофејот на турнирот во Охрид.
,,Ова е второ издание на турнирот „Крсте Андоновски“ кој се одржува во чест на охридската ракометната легенда, Меѓународниот турнир веќе прерасна во моќен, одличен и респектабилен турнир и знам дека ќе расте од година во година со голема посетеност во спортската сала Билјанини Извори. Доста квалитетни екипи и во нашата и во другата група. Отвораме против грчкиот Олимпијакос, сјајна екипа со искусни играчи, па Голден Арт со изменет состав и турскиот Бешикташ со многу странски играчи од Балканот во ростерот. Влегуваме максимално во трите натпревари. Не би издвоил фаворит, бидејќи сите се во игра за кревање на пехарот, на ваквите турнири секогаш има изненадувања, се надевам дека ќе уживате во ракометот овие 4 дена во Охрид. Нашата цел оваа сезона е висок пласман во Супер лигата и Купот на Македонија, а со тоа и освојување на место што води во Европа”, заврши Алушовски.
Капитенот на Охрид, Иван Тасески, се надева на добар пласман на годинешното издание на турнирот.
,,Турнирот ќе ни дојди доста добро за воигрување на екипата поради што имаме голем број на нови играчи. На секој натпревар ќе го дадеме максимумот за да издвоиме што подобар пласман на овогодишното издание на турнирот. Здравствената состојба на нашата екипа е одлична, посакувам така и да продолжи во текот на целата сезона. На турнирот ќе настапиме во целосен состав. Турнирот за прв пат се организираше минатата сезона, за една година порасна многу нивото на овој турнир и сум убеден дека од година во година ќе расти уште повеќе”, изјави Тасески.
Кружниот напаѓач за благ фаворит на турнирот во Охрид го смета актуелниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер.
,,Годинава има доста поквалитетни екипи на турнирот, нас ни доаѓаат грчката екипа Олимпијакос , Бешикташ од Турција и екипата Голден Арт од Скопје кој имаат доста изменет состав оваа година. Исто и нашиот состав е доста изменет ќе го искористиме турнирот за воигравање , ќе го дадеме максимумот на сите мечеви за што подобар пласман На ова издание на охридскиот турнир има доста екипи изедначени по квалитет и што можат да го освојат турнирот мислам дека благ фаворит е македонскиот клуб од Битола, Еурофарм Пелистер. Нашите цели за оваа сезона се за што повисок пласман и да освоиме од местата што водат во Европа”, заврши Тасески.
Вториот македонски претставник во рамки од групата А е тимот на Голден Арт. Тренерот Владимир Глигоров, ги сподели своите очекувања за турнирот во Охрид, како и амбициите на скопскиот тим во новата сезона.
,,На турнирот во Охрид, екипата треба да ги покаже капацитетите што ги поседува за настап во Супер лигата во оваа сезона. Ќе настапине во полн состав. Турнирот во Охрид е традиционален и се одржува во чест на охридската ракометна легенда Крсто Андоновски кој остави неизбришливи траги во врска со развојот на овој спорт во Охрид. Според мене, за титулата на овој турнир ќе се борат екипите на Охрид и Еурофарм Пелистер. Нашата цел во новата сезона е пласман во плеј-оф фазата”, изјави Глигоров.
Во Охрид пристигнува и амбициозни тим од Грција, Олимпијакос, кој во новата сезона посакува освојување на сите титули на домашна сцена и добар настап во Европа.
,,Нашите очекувања се да успееме да изградиме тимски дух за да станеме тим и секако да се воиграме на турнирот. Верувам дека на турнирот ќе настапи во полн состав. Немам многу информации за турнирот, но оваа година важен е квалитетот на тимовите кои што учествуваат како и фактот што турнирот се одржува во многу убав град како Охрид. За ривалите во нашата група, тие се многу добри противници и мора да се соочиме со фактот дека имавме само 2-3 недели тренинзи. Мислам дека има неколку екипи кои сигурно би можеле да го освојат турнирот, тука е Еурофарм Пелистер или Татран Прешов, но може да има и изненадувања. Нашите цели за новата сезона се да направиме добар конкурентен тим и да се бориме за сите титули на домашна сцена”, изјави тренерот на Олимпијакос, Никос Граматикос.
Капитенот на Олимпијакос, Петрос Кандилас, исто така ги сподели своите очекувања за настапот во Охрид.
,,Што се однесува до подготовките, немаме повредени, па ќе дојдеме во полн состав. Сум слушнал претходно дека турнирот е добар, ги познавам повеќето тимови на турнирот, и сигурен сум дека ќе имаме навистина силни натпревари. Мислам дека најсилниот тим на турнирот е Еурофарм Пелистер. Имаат многу добри играчи и во последните години многу се подобрија. Се надевам дека ќе се сретнеме со нив во финалето. Како и секоја година кога играте во голем клуб како Олимпијакос, целите се да победите во секое натпреварување во кое учествувате”, изјави Кандилас.
Меѓу учесниците на второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“ е поранешниот учесник од Лигата на шампионите, турски Бешикташ.
,,Турнирот во Охрид ни е важен, имаме нов тренер и нови играчи. На турнирот има многу добри екипи, мислам дека ќе има добри натпревари. Им посакувам среќа на сите екипи. Само јас имам полесна повреда поради истегнување на скочниот зглоб, освен тоа ќе бидеме максимално подготвени. Ќе дадам се од себе да играм на турнирот. Со Бешикташ претходно сум учествувал на струшкиот турнир, знам дека е слично. Го познавам и ракометарот на Охрид, Владимир Бојаниќ. Мојот поранешен соиграч и мој драг пријател. Ги почитуваме сите екипи, сакаме да победиме на натпреварите во групата и да бидеме први. Што се однесува до амбициите за новата сезона, сакаме да ги освоиме сите титули во Турција и сакаме да одиме до крај во Европскиот Куп”, изјави капитенот на Бешикташ.
Тренерот на Бешикташ, Рој Камино, имаше исти ставови како и капитенот на турскиот првак.
,,Овој турнир за нас е последната фаза од нашите претсезонски подготовки. Мислам дека добро се подготвивме пред сезоната и овој турнир е можност да ги тестираме силите. На турнирот ќе настапат сите ракометари. Знам дека на турнирот има висококвалитетни екипи и натпреварите ќе бидат многу конкурентни. Очекуваме да одиграме тешки натпревари. Знам дека македонските играчи се квалитетни. Ќе се сретнеме и со Олимпијакос, нашиот ривал во Европскипт Куп. Како најголем фаворит е Еурофарм Пелистер, но мислам дека сите тимови имаат шанси да се натпреваруваат за прво место”, изјави Камино.
Повеќе детали за турнирот во Охрид 2023, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… ќе можете да најдете во делот посветен за турнирот на www.24rakomet.mk во главното мени на страната што ќе биде активен во вторник на 22 август 2023.
.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.