Ракометарите на Охрид ја забележааа првата победа на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“, откако славеше над Голден Арт со 27-24 во интересен натпревар. Голден Арт пружи голем отпор, но на крајот немаше сили да се врати во наптреварот.
Во првиот дел ниту една од екипите не успеа да направи залиха. Се играше најчесто гол за гол, а двете одбрани делуваа компактно и не дозволуваа лесни погодоци во мрежите на Даскаловски и Ѓорѓески.
Алушовски направи неколку измени во поставата и Охрид во финишот на полувремето преку Ојлески стигна до плус два, 13-11, но Трајковски искористи еден отпадок и го врати Голден Арт на минус еден, 13-12.
Стратегот на Охрид викна тајм-аут, но неговите играчи погрешија во нападот. Голден Арт доби пенал, кој го одбрани голманот Бркиќ, па остана кратко време за напад, и на пауза се замина со 13-12 за Охрид.
Домашните искористија две прилики на стартот, преку Стоилевски зголемија на 15-12, потоа имаше уште две шанси да зголемат, но искусниот Даскаловски ги одбрани ударите на охриѓани.
Охрид – Голден Арт
Голден Арт не се откажуваше и преку Милошески намали на 19-18 кога имаше да се играат уште петнаесетина минути, па Алушовски мораше да бара тајм-аут. Се обиде со Орјоникидзе на десен бек, кој погоди за 21-18.
На спротивната страна Гошевски беше прецизен за 21-19. Потоа Охрид се одлепи на плус четири, 24-20, Глигоров повика тајм-аут па неговиот тим врза два гола во серија за 24-22 преку Милошески.
Сепак згрешија во следниот напад, Охрид тоа го казни и на две минути до крај беше 26-22. Немаше време за нешто повеќе на овој натпревар, па Голден Арт мораше да се помири со вториот пораз на турнирот.
Во третото и последно коло, Охрид ќе се соочи со турскиот Бешикташ, додека Голден Арт ќе игра со грчкиот Олимпијакос во текот на утрешниот ден.