Ракометарите на Металург и Охрид во дербито со Супер лигата во 8. коло одиграа интересен и неизвесен натпревар кој заврши без победник 29:29.
Охрид имаше добар почеток на натпреварот и го имаше почетното водство, но Металург многу бргу се врати резултатски. Следуваше период на изедначена игра гол за гол се до резултат 10:10. Од тогаш ракометарите на Металург имаа кризен период без гол. Тоа го искористија ракометарите на Охрид за серија од 5:0, а до крајот на полувремето обезбедија убаво водство од 17:13.
Веднаш на почетокот на вториот дел Металург тргна да ја надместува негативата, имаа добар период со организирана игра и намалија на два. Разликата од два до три во корист на Охрид се одржа десетина минути.
Металург успеа да израмни во 51. минута на 25:25 со голот на Арсеновски и натпреварот влезе во неизвесна завршница. Двете екипи имаа по гол предност во последните минути но до крајот ниту една екипа не успеа да дојдео до целиот плен.
Најефикасен во составот на Металург беше Мариќ со шест гола, а Поповиќ стрелаше пет пати прецизно. Во составот на Охрид, Тот со осум гола и Кривокапиќ со седум гола беа најдобри поедници.
МЕТАЛУРГ – ОХРИД 29:29 (13:17)
Сала: Автокоманда во Скопје. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.
МЕТАЛУРГ: Кондев, Јагуриновски 1, Поповиќ 5, Пецаковски 1, Шилегов 1, Танкоски 4, Мариќ 6, Серафимов 3, Лазарески 1, Ѓорѓески, Младеновиќ, Вујовиќ, Чантурија 4, Кбилашвили, Мијатовиќ, Арсеновски 3.
Седмерци: 3/6. Исклучувања: 14 мин.
ОХРИД: Брануновиќ, Андоноски 1, Кривокапиќ 7, Блажески 5, Костов, Гошевски, Тсителишвили, Соколов, Тасески 3, Манасков 2, Ивановски, Ристески, Димитриески, Анастасовски 3, Тот 8, Даниловски.
Седмерци:4/4.Исклучувања: 12 мин.